Со заеднички напор на експертите од Хрватска и Германија и вработените на Агенцијата за заштита на личните податоци беа остварени импресивни резултати и реализирана е главната цел на проектот – полесна имплементација на Законот за заштита на личните податоци.

Ова денеска го соопшти директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци на Имер Алиу на завршната конференција на твининг-проектот „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“, финансиран од Европската Унија. Проектот го спроведуваат Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Хрватска и Германската фондација за меѓународна соработка (ГИЗ), а корисник е Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија.

Алиу ја отвори конференцијата и посочи дека изминатите 18 месеци се одржувале стручни обуки за вработените од Агенцијата, како и учесници од јавниот и приватниот сектор. Потсети на изработка на водичи, насоки, анализи, методологија за хармонизација на секторските закони, како и активности за подигнување на јавната свест за заштита на личните податоци и приватноста, особено кај младите.

 Претседател на Собранието Талат Џафери ја потврди исклучително значајната улога на националните органи за заштита на личните податоци, која ја играат во гарантирањето на заштитата од повреда на личниот интегритет и заштита и на другите човекови права и фундаментални слободи при собирањето, обработката и употребата на личните податоци.

Џафери истакна дека за вработените во Агенцијата да бидат целосно подготвени и доследни на очекувањата од нив, неопходно е да бидат стручно подготвени и законски поткрепени во секој сегмент од своето делување. Се осврна на политичката, финансиската и функционалната независност и самостојност на Агенцијата за заштита на личните податоци.

-Таа е установена со закон и за неа треба да се создадат услови за да може да функционира ефикасно и ефективно. Таа независност е нужна за да може Агенцијата да ги извршува своите надлежности, задачи, овластувања и одговорности, кои сега се проширени и за кои треба да е поткрепена и со доволен број на стручни и професионални извршители. Извршителите да водат сметка да не ги злоупотребуваат овластувањата и статусот што го има Агенцијата и самите тие како вработени и да не се раководат од лични, деловни и финансиски интереси туку во секоја своја постапка да го штитат угледот на Агенцијата и својот личен интегритет, заклучи Талат Џафери.

Директорот на Агенцијата за заштита на личните податоци на Хрватска Здравко Вукиќ изрази задоволство од остварените резултати. Тој се осврна на соработката меѓу агенциите и ја нагласи подготовката за понатамошна соработка и размена на искуства, посебно во однос на отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ на Северна Македонија.

Раководителот на секторот за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ Мариа Канелопулу зборуваше за важните аспекти поврзани со градењето на државните институции од аспект на подготовките на државата за преземање на обврските од законодавството на ЕУ.

На конференцијата се обратија и амбасадорките на Хрватска и Германија Нивес Тигањ и Анке Холштајн, кои се држави партнери во спроведувањето на ЕУ твининг проектот. Тигањ и Холштајн ја нагласија важноста на твининг проектите како инструменти за институционална соработка помеѓу земјите партнери од ЕУ и земјата корисник со цел да се постигнат конкретни резултати преку извршувањето на взаемни активности.

Во рамки на конференцијата се одржа и панел дискусија на тема „Безбедност на личните податоци“, со учество на претставници од партнерските институции, државниот сектор, граѓанското општество и бизнис заедницата, кои зборуваа за правните и техничките аспекти поврзани со безбедноста на обработката на лични податоци и важноста на истото во модерниот дигитален свет.