На денешниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, после излагањето на бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, кој зборуваше за односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, рече дека две вистини треба да се прифатат во двете земји, а тоа е дека Втората светска војна е завршена пред повеќе од 70 години, а второ дека Студената војна заврши пред повеќе од 30 години.

„Бидејќи изгледа не сме ја извлекле лекцијата дека сите несреќи на Балканот во последните 30 години произлегоа од неприфаќањето на овие две вистини. Тоа е оптоварување од двете страни на границата. И битката не е ниту национална, ниту етничка меѓу Северна Македонија и Бугарија. Туку е битката меѓу оние сили коишто сакаат овие две држави да живеат во мир, пријателство и со заедничка европска иднина, како што сме денес сојузници во НАТО, и оние што сакаат да профитираат од вечно замрзнат или затоплен конфликт, зависно од потребата помеѓу нашите два народи, нашите две држави кои се соседни и многу блиски, и кои е природно да бидат блиски“, реплицираше Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ кажа дека добрососедските односи и продлабочувањето на регионалната соработка се високо на агендата на Владата на Северна Македонија, бидејќи тоа е од заеднички интерес и наш и на Бугарија, додавајќи дека остануваме посветени на добра волја да ги спроведуваме билатералните договори и дополнително да ги зајакнуваме добрососедските односи, со што помалку емоции, а што повеќе факти и заеднички активности.

„Важно е напорите да се од двете страни на границата. Само така ќе имаме стабилно пријателство. Се друго ќе биде разбрано како уцена, како притисок, и тоа може да раѓа фрустрација и такви изливи какви што видовме на стадионот во Скопје“, посочи Маричиќ.

На обвинувањата од европратеникот Џамбаски за сепаратизам од страна на Северна Македонија, Маричиќ одговори дека ние сме држава членка на НАТО, докажан партнер и која нема на ниту ден начин посегнато по кој било сосед, туку напротив дека добрососедските односи ни се постојана тема.

„Дури и нашите граѓани во еден дел сметаат дека единствена тема на европските интеграции се добрососедските односи и дека европските интеграции постојат за да им удоволиме нешто на сите соседи. Знаеме дека не е така, но таква е перцепцијата“, рече Маричиќ во Европскиот Парламент, пред европратениците, и повика на соработка и на работа, од двете страни на границата и посочи дека од наша страна веќе има подадена рака.