Рускиот претседател Владимир Путин ги потпиша законите со кои четири украински региони се припојуваат кон Русија, потег со кој се финализира анексијата спроведена во спротивност на меѓународното право, јавува Асошиејтед прес. Документите беа објавени утрово на веб-страницата на руската влада.
Претходно, двата дома на рускиот парламент ги ратификуваа договорите со кои регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје стануваат дел од Русија. Формалностите следеа по референдуми организирани од Кремљ во четирите региони кои Украина и западот ги отфрлија како лажни.
Овој потег доаѓа откако војната влезе во нова, поопасна фаза. Русија се соочува со сè поголеми неуспеси на бојното поле, при што украинските сили повторно заземаат сè повеќе земја на исток и на југ, токму оние региони што Москва ги притисна да ги анексира.
Границите на териториите кои Русија ги припои сè уште остануваат нејасни, но Кремљ вети дека ќе ја брани територијата на Русија, истовремено и територијата на новите припоени региони, со какви било средства што ги има на располагање, вклучително и нуклеарно оружје.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори на анексијата со најава за брза апликација за влез во НАТО и формално отфрлање на разговори со Русија. Во указот на Зеленски, објавен вчера, се наведува дека преговорите со Путин станале невозможни по неговата одлука да ги преземе четирите региони на Украина.