Мухамед Зеќири, кој го наследи Драги Рашковски на функцијата генерален секретар на Владата, денеска во судница сведочеше дека при примопредавање на функцијата не бил запознаен со двата софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, за кои се води судски процес во кој токму Рашковски е првообвинет.

Тој рече дека ниту на седниците на Владата, на кои тој присуствувал, не се разговарало за двата софтвери за кои се гони Рашковски. На прашање на обвинителката Ивана Трајчева дали Генералниот секретаријат има надлежност да утврдува брзина на движење на возила и да изрекува казни, Зеќири рече дека, колку што му е него познато, Владата не го прави тоа.

„Ако не грешам, тоа оди по барање на институцијата, се носи одлука на Влада, се врши набавката и се прави примопредавање кон институцијата, рече Зеќири.

Тој одговори негативно и на прашањата дали пронашол документација дека се формирани работни групи за имплементација на софтверот и дали тој бил ставен во функција. И за софтверот за биометриска идентификација Зеќири посочи дека не бил ставен во функција додека тој бил генерален секретар и потврди дека кабините кои биле набавувани за овој софтвер не биле во Владата.