Вчера, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија го одбележа Денот без автомобили со приклучување на возење велосипеди низ центарот на Велес. Дел од активностите на отворено беа и амбасадори и заменици на земјите членки на ЕУ во земјата, како и младите европски амбасадори. Денот без автомобили е главниот настан во рамките на Европската недела на мобилност – водечка кампања на Европската комисија за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност која се одржува од 16 до 22 септември секоја година.

Целта на Европската недела на мобилност (EНМ) е промовирање на промени во однесувањето во корист на активна мобилност, јавен превоз и други еколошки, интелигентни решенија на транспорт. EНМ се надоврзува на Европската недела на спортот која промовира секоја година од 23 до 30 септември поактивен, поздрав начин на живот на милиони луѓе во Европа и пошироко. Затоа, Делегацијата на Европската Унија и Јуроп Хаус организираат низа активности во текот на месец септември за да поттикнат мали промени во секојдневниот живот кои можат да придонесат за подобра урбана мобилност, подобрено здравје и почист воздух.

 

Активностите во Велес започнаа на 22 септември, Денот без автомобили. По возењето велосипед низ центарот на градот и дискусиите со најмладите за мобилноста, амбасадорот Гир и Младите европски амбасадори (YEAs) се сретнаа со „Велес бајкинг“ – здружение од 172 членови кои ја споделуваат страста за сите форми на возење велосипед. Како пример за #BetterConnections, амбасадорот Гир и Младите европски амбасадори тргнаа од Велес со воз, возната линија за Скопје во 14:20 часот. Фотографиите се достапни во прилог.

 

Од 23 до 30 септември, Јуроп Хаус поддржана од Делегацијата на Европската Унија ќе одржи серија бесплатни спортски сесии во 24 општини низ земјата. Серијата #BeActive служи за да ги поттикне луѓето од сите сфери на животот на физички сесии и здрави практики до кои лесно може да се пристапи.

Задржувајќи го моментумот на важноста да се грижиме за нашето здравје, а со цел да ја подигнеме свеста за кардиоваскуларните болести, амбасадорот Гир ќе им се придружи на Клубот на млади лекари и на студентите од Медицинскиот факултет на планинарска тура до Водно на 29 септември, Светски ден на срцето.

Серијата активности ќе биде завршена на 2 октомври со Скопскиот маратон, кој од самиот почеток е поддржан од Делегацијата на Европската Унија. Овогодинешната рута за прв пат ќе мине покрај Јуроп Хаус Скопје, за која пригода, тоа ќе биде претворена во навивачко место кое ќе нуди освежителни пијалоци за тркачите, активности за децата, музика итн. Два тима на #TeamEurope од Делегацијата на Европската Унија ќе учествуваат на штафетниот маратон на ЕУ.