Следната недела, поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, ќе отпатува во Казахстан во тридневна посета, каде што ќе учествува на меѓуверски собир со присуство на околу 100 делегации од 50 земји.
Папата (85), кој поради болки во коленото сега претежно се движи во инвалидска количка, во вторник ќе отпатува за Нурсултан, а собирот ќе се одржи од 13 до 15 септември.
Војната во Украина ќе биде една од главните теми на патувањето на папата во странство, односно во земјата на поранешниот Советски Сојуз која граничи со Русија.
Претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев (69), кој дојде на власт во 2019 година, е сојузник на Русија, но тензии меѓу двете земји се појавија од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари оваа година.
– Со оглед на драматичната меѓународна ситуација, посетата (на папата) носи надеж за мир и помирување на глобално ниво, рече надбискупот на Нурсултан, монсињор Томас Пета.
Претходно беше најавено присуството на поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил на средбата во Нурсултан, што ги зголеми надежите за можна средба меѓу патријархот Кирил и папата Франциск. Сепак, патриотот Кирил, близок поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, нема да учествува на собирот.