Не постои конкретна закана за напад врз нашата држава, меѓутоа инвестициите во одбраната се дел од стратегискиот одбранбен преглед и дел од сите долгорочни планирања, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска, во однос на најавата за набавка на современ систем за противвоздушна одбрана од Франција.

Петровска, посочи дека замената на противвоздушниот систем кој го имаме е една од обврските и тоа е проект којшто е започнат пред неколку години. Вкупните финансиски импликации од овој договор се 66 милиони евра, а Петровска појасни, дека исплатата ќе биде во период од четири години.

„Станува збор за финализирање на договорот, кој веќе неколку години се следи постапката на преговарање со различни производители, испитување на понудената опрема од стручен тим од Армијата и она што во петокот беше презентирано пред собраниската Комисија за одбрана и безбедност, практично е финалниот документ“, појасни Петровска, во изјава за медиумите по денешниот брифинг во Министерството за одбрана.