Сообраќајот во Босфор е нормализиран откако товарниот брод со повеќе од 3.000 тони пченка од Украина, кој кусо беше насукан, е безбедно закотвен.
Турската државна телевизија ТРТ Хабер јави дека сообраќајот во Босфорскиот теснец е повторно отворен откако беше запрен поради насукување на 173-метарскиот брод „Лејди Зехма“ по дефект на кормилото.
Ова е прв ваков инцидент по потпишувањето на договорот во јули за извоз на жито од блокираните украински пристаништа.
Во инцидентот нема повредени.
По потпишувањето на договорот на 22 јули меѓу Киев и Москва со посредство на ОН и Анкара, беа деблокирани три украински црноморски пристаништа за извоз на жито.
До средата, согласно договорот, од Украина се извезени 1,55 милиони тони жито и други прехранбени производи.