Шаќири потсети дека во изминатиот период со СОНК е постигнато, како што рече, историско покачување од 15 проценти за платите на наставниците кои ќе ги добијат со септемвриската плата. Со Синдикатот ќе следува дефинирање и потпишување нови колективни договори за основно и за средно образование и ќе бидат во дијалог за политики за подобрување на квалитетот на образованието.

На прес-конференцијата во Владата Шаќири истакна дека е значително зголемен бројот на образовни асистенти финансирани од буџетот на МОН кои ќе работат со ученици со атипичен развој вклучени во редовната настава – од 500 лани, оваа учебна година ќе бидат 720.

Посочи на зголемениот број дуални паралелки за унапредување на средното стручно образование – од 97 минатата година, сега се 200 со опфатени 2700 ученици, минатата година биле вклучени 250 компании, а во оваа година се вклучени 400 компании во овој проект.

За капитални инвестиции во образованието, рече Шаќири, втора година буџетот е над милијарда денари односно два и пол пати повеќе од претходните години. Соопшти дека летово се реконструирале училишни објекти во повеќе општини и се градат нови училишта. Се осврна и на различните категории студентски стипендии за подобрување на студентскиот стандард, а за  науката со буџет од 218 милиони денари се финансираат  проекти на јавните научни установи и опремување на лабораториите.