Премиерот Димитар Ковачевски придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска, ќе присуствува и ќе се обрати на настан по повод одбележување на Денот на рударите во Пробиштип.

Од владината прес – служба соопштија дека премиерот Ковачевски, потоа ќе присуствува на пуштање во употреба на хидросистем за наводнување Славишко Поле во село Длабочица, Општина Ранковце.На настанот по повод завршувањето на овој проект финансиран со помош на фондовите на ЕУ ќе присуствува и Феручо Бого, вршител на должност во Делегацијата на ЕУ.

Во рамки на целодневната агенда, премиерот Ковачевски ќе направи и увид на градежните активности во детската градинка „Детелинка“во Крива Паланка, кои се во завршна фаза.

Инаку, системот за наводнување во Славишко поле, финансиран од ЕУ, вклучува изградба на нова бетонска структура за пренасочување на Крива Река (со контролни брани, премин за риби, таложник за тиња), регулација на речното корито и мрежа за наводнување во должина од 20,5 километри во обработлива земјоделска област од 242 хектари.

Од Делегацијата на ЕУ информира дека помошта од ЕУ ги заменува претходните примитивни практики за наводнување и воведува современ, нискотрошковен и еколошки систем за наводнување преку затворени подземни цевки што се под притисок на гравитацијата.Досега, ЕУ помогнала со 6,1 милион евра за изградба на пет мали системи за наводнување во Северна Македонија.

Дополнителни 3,6 милиони евра се достапни за уште два вакви системи, со што вкупниот износ на европската помош во секторот за наводнување изнесува приближно 10 милиони евра.