Соединетите држави продолжуваат да бараат начини за зајакнување на енергетската безбедност на европските земји по намалените испораки на природен гас од Русија. Претстои „дополнителна работа“ во оваа насока, изјави во петокот портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер. цитирана од светските медиуми.
„Веќе постигнавме напредок по ова прашање – од март, испораките на природен гас во Европа се зголемија за 84% во споредба со 2021 година. Во исто време, уделот на американските испораки е тројно зголемен. Всушност, испораките на гас во Европа се зголемија за 20 милијарди кубни метри од март во споредба со претходната година, што веќе ги надминува обемите што ги вети претседателот Бајден“, нагласи Жан-Пјер на редовниот брифинг.
Во исто време, според неа, Вашингтон ќе мора да заврши „дополнителна работа“ во оваа насока, а САД ќе продолжат да бараат начини за зголемување на испораките на течен гас во Европа, а во исто време да бараат начин да ја намалат зависноста на регионот од увозот на руски гас.
Жан-Пјер не се согласува со предвидувањата на голем број експерти дека претстојната зима и недостигот на гас во складиштата на европските земји може да доведат до раскол во единството на западните земји.
„Уверени сме дека овој сојуз, ова партнерство ќе продолжи да постои. Исто така, имаме намера да им ги обезбедиме на нашите партнери во Украина потребните средства за продолжување на борбата за нејзиниот суверенитет“, додаде претставничката на американската администрација.