Честопати во медиумите може да се сретнат стари вести, интервјуа и други содржини кои на публиката и се пласираат како нови, без да ѝ се посочи на публиката дека содржината е објавена во минатото, што е спротивно на новинарските етички стандарди и добри професионални практики.

Меѓу последните вакви примери забележани во македонските медиуми беше содржината со наслов „СТРАШНО ДА ТИ БИЛО ВО УЧИЛИШТАТА НА ТИТО Ким Мехмети го учеле да ги мрази Албанците и Бугарите“, објавена од порталот Плусинфо на 17 август 2022 година. Во содржината се пренесува дел од интервју на писателот и аналитичар Ким Мехмети за бугарската агенција БГНЕС – дадено пред две години, во декември 2020 година.

„„Јас пораснав во училиштата на Тито и многу добро знам дека тие нè научија дека најголемите непријатели на Македонија и на Македонците се Албанците и Бугарите. Знам дека од прво одделение па до староста, кај Македонците се градеше свеста дека да не беше српскиот братски народ, тие ќе биле ‘проголтани’ од Албанците и Бугарите“, изјави политичкиот аналитичар Ким Мехмети, во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС“, пренесува Плусинфо.

Но, во првично објавената содржина на Плусинфо немаше објаснување дека се работи за изјава што Мехмети ја дал за БГНЕС пред две години. Содржината објавена од Плусинфо беше дополнета подоцна, со напомена (а не корекција) на крајот на текстот, во која се вели:

„НАПОМЕНА: Интервјуто на Ким Мехмети за БГНЕС е дадено пред две години, а е препостирано денеска на социјалните мрежи. Посочените цитати се сторпоцентно точни. Сепак, должни сме да укажеме на терминот и за тоа дека станува збор за грешка во селекцијата, а не за манипулација“.

За разлика од редакцијата на „Плусинфо“ кои објавија некакво објаснување подоцна и го апдејтираа нивниот текст, ова старо интервју на Ким Мехмети, толкувано во контекст на препораките на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, формирана со Договорот за добрососедство меѓу двете земји, без соодветно објаснување за времето и контекстот во кој било дадено интервјуто пред две години, беше пренесено и од други медиуми, како Инфомакс, Тинк.мк, Фактор.мк, МкРепортер, ДоказМ, и други.

Изјавите на Мехмети покренаа лавина на коментари на социјалните мрежи, меѓу кои можеше да се забележат голем број кои содржеа говор на омраза и поттикнуваа етничка нетрпеливост.

Ваквото објавување на содржини е во спротивност со новинарската етика и духот на членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија, во кој, меѓу другото, се вели дека „Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи“.

Во Насоките за етичко известување на онлајн медиумите, поконкретно во насоките за примена на член 1 од Кодексот, точка 1.2, се вели:

„Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето на содржината на извештајот од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање дезинформации“.

Подолу, во овие Насоки, во точката 1.7, се вели:

„Онлајн медиумите нема да прават измени на веќе објавени информации на начин со кој што ќе се промени нивното изворно значење, контекст или приказ. Измената на објавената содржина е прифатлива исклучиво со назнака за причината и времето кога е таа направена“.

Инаку, оваа појава се забележува често во македонските медиуми, особено во онлајн медиумите и порталите. Примери за такви случаи може да се најдат на веб страницата „Критинк.мк“ на организацијата Метаморфозис, која има објавено повеќе рецензии за стари содржини, кои на публиката и се сервираат како нови.

Таков е примерот за веста дека Врховниот суд му ја укинал пресудата на поранешниот премиер Владо Бучковски и го вратил предметот за набавката на тенковски делови на повторно судење во Кривичниот суд, што била вест стара две години и двапати била рециклирана од медиумите и претставена во јавноста како нова во 2018 година, иако оригиналната вест, како што објаснува рецензијата на „Критинк“, била објавена две години пред тоа. Сличен пример, истата година е забележан во Рецензијата: Тинејџери сами влегоа во скривницата на Тито на Скопска Црна Гора – Еве што најдоа внатре, за текст кој всушност преобјавува содржина која била првично објавена две години претходно, во декември 2016 година.

Петрит САРАЧИНИ