Советот за безбедност на ОН во понеделник ќе одржи итен состанок зад затворени врати за да разговара за најновата ескалација на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Исламски џихад во Појасот Газа, изјави палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур.

Состанокот го побараа Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), членка на Советот за безбедност на ОН, заедно со Кина, Франција, Ирска и Норвешка, се наведува во соопштението за печатот на директорката за стратешки комуникации на Министерството за надворешни работи на Емиратите, Афра Махаш ал-Хамели.

„Обединетите Арапски Емирати ја истакнаа потребата за враќање на смиреноста во Појасот Газа, деескалација и зачувување на цивилните животи“, рече таа, додавајќи дека Абу Даби „изразува длабока загриженост поради сегашната ескалација и повикува на максимална воздржаност со цел да се спречи вовлекување во нивоа на насилство и нестабилност“.

На состанокот во понеделник, членовите на Советот за безбедност ќе разговараат за најновите случувања и како да се „поддржат меѓународните напори за постигнување сеопфатен и праведен мир“, објавија израелските медиуми.

Одлуката за состанокот е донесена неколку часа откако палестинската мисија во ОН им се обрати на членките на Советот за безбедност на ОН и ги повика, како што се наведува во соопштението на кабинетот на палестинскиот амбасадор, „да ги преземат (своите) одговорности да ја запрат израелската агресија врз палестинскиот народ во појасот Газа и да обезбеди меѓународна заштита за палестинскиот народ“.

Конфликтот меѓу Израел и Исламскиот џихад во Појасот Газа започна во петокот попладне со израелски воздушни напади на палестинска територија.

Во најжестокиот конфликт од војната во Газа минатиот мај, најмалку 29 Палестинци загинаа, меѓу кои шест деца и четири жени, а 253 беа ранети, соопшти палестинското Министерство за здравство во Појасот Газа.