Лидерите на САД и Кина упатија меѓусебно предупредување во врска со Тајван за време на вчерашниот разговор што траеел повеќе од два часа. Американскиот претседател Џо Бајден му кажал на својот кинески колега Си Џинпинг дека САД се строго против едностраните потези за промена на статусот на тој автономен остров со демократска влада, но нагласи дека американската политика кон Тајван не се менува. Кинеската влада соопшти дека Си му рекол на Бајден да се придржува до принципот на една Кина, кој го смета Тајван за дел од Кина, предупредувајќи „кој си игра со оган ќе изгори“.
Advertisements
Тензиите околу ова прашање се зголемија по гласините дека претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси планира да го посети Тајван. Пелоси би била највисокиот американски функционер што го посетува Тајван откако републиканецот Њут Гингрич го посети островот во 1997 година. За време на телефонскиот разговор, Бајден и Си разговарале и за организирање можна средба лице в лице, рече висок американски функционер, опишувајќи го телефонскиот разговор како „директен“ и „искрен“. Кина го гледа Тајван како своја отцепена провинција, која мора да стане дел од земјата и не ја исклучи можноста за употреба на сила за да се постигне тоа. Вашингтон дипломатски не го признава Тајпеј, но САД му продаваат оружје на автономниот остров за да може да се брани. Аналитичарите веруваат дека и Бајден и Си сакаат да избегнат отворен конфликт, но ниту еден не направил обид да го смени спротивставениот дискурс.