Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека во наредните денови ќе почне извозот на жито преку Црното Море.

-Со почетокот на транспортот на жито по морскиот пат во наредните денови, ќе дадеме важен придонес во надминувањето на светската криза со храна, рече Ердоган, пренесе телевизијата ТРТ.

Турскиот претседател додаде дека Анкара ќе продолжи да прави напори за решавање на кризата во Украина по дипломатски пат, пренесе Тасс.

-Ние сме решени да продолжиме со дипломатските напори додека не биде гарантиран мирот меѓу Русија и Украина. Се надеваме дека во блиска иднина ќе добиеме охрабрувачки вести за време на преговорите и контактите на сите нивоа, вклучително и меѓу лидерите, рече Ердоган.

Русија и Украина, заедно со Турција и ОН, вчера во Истанбул потпишаа договор за рестартирање на извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море.