Русија се подготвува за следната фаза од офанзивата против Украина, изјави денеска украински воен претставник, откако Москва објави дека руските вооружени сили ќе ги интензивираат воените операции во „сите оперативни области“.

Киев тврди дека руски ракети и проектили гаѓале украински градови во последните денови, а во нападите се убиени десетици луѓе.

– Тоа не беа само ракетни напади од воздух и од море. Гледаме гранатирање по целата линија на фронтот. Има активна употреба на тактичка авијација и напаѓачки хеликоптери. Јасно е дека сега се во тек подготовките за следната фаза од офанзивата, изјави Вадим Скибицки, портпарол на украинската воена разузнавачка служба.

Украинската армија соопшти дека Русија ги прегрупирала единиците за офанзива кон Славјанск, симболично важен град во Доњецк во источна Украина.