Треба да бидеме мудри и сами на себе да не си поставуваме бариери. Не би било одговорно да го одбиеме овој предлог во кој сме ги постигнале нашите клучни барања и да се надеваме дека ќе ни биде понуден друг подобар. Во вистинските моменти ни требаат навистина и мудри и државнички одлуки, порача вицепремиерот са европски прашања Бојан Маричиќ по средбата во Скопје со германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

-Пред нас имаме европски предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ кои ги вклучува сите македонски позиции и забелешки со кои преговорите ќе започнат веднаш по неговото одобрување. Ова е шанса за Македонија. Ова е пакет кој треба да го определи нашиот тек на преговорите со ЕУ од сега па до крајот на преговорите и пакет кој треба да затвори еден сериозен спор што го имаме со Бугарија. Имаме два клучни интереси – да го зачуваме нашиот идентитет и јазик и да станеме членка на ЕУ. Мислиме дека новиот француски предлог тоа го овозможува. Во наредните денови без преголемо одлагање треба да донесеме одлука кава и да биде таа. Сметаме дек ова е можност која не треба да се пропушти. Вреди да собереме сила и да го направиме и одвој чекор за кој чекаме веќе 17 години. До сега времето работеше за нас, но во услови на војна во Украина ова е шанса која сериозно треба да ја земеме во предвид и сметам дека натамошни одлагања нема да бидат во наш интерес, рече Маричиќ.

Можеме, додаде, да се надеваме и на подобар предлог, се надевавме и во 2008 година кога го добивме ветото за членство во НАТО на подобар предлог со Грција, а 10 години подоцна го решивме тоа прашање во многу понеповолна позиција од таа што ја имавме во 2008 година.

-Владата го промовира овој предлог пред сите страни со сите негови добри и лоши страни и сметаме дека е шанса која не треба да ја испуштаме. Ова е национална задача без разлика на етничката и политичката припадност. Ако сега го одбиеме ова ќе треба во идно време повторно да преговараме од почеток, а не да продолжиме каде што сме застанале, истакна Маричиќ.

Прашан зошто се уште не е поминат на Влада францускиот предлог и протоколот со Бугарија, Маричиќ рече дека Владата ги врши консултациите и во наредните денови ќе најде начин како да ги заокружи и како да го праша Собранието за мислење.

-Владата го очекува крајот на консултациите кои се уште траат секојдневно на повеќе нивоа и со сите политички партии. Денеска ќе има и разговор помеѓу координаторите на пратеничките групи и врз основа на тоа ќе видиме како понатаму. Владата ќе постапи одговорно и ќе ги разгледа информациите поврзани со текот на преговорите што ги водеше МНР и планира да добие поддршка и од Собранието за да го комплетираме нашиот стави и за да можеме да настапиме пред ЕУ и да даде ме конечен став. Тоа ќе се одвива во наредните денови. Протоколот се уште не е до крај усогласен ниту потпишан. Ќе го почекаме и како пакет трите документи кои веќе ги објавивме – преговарачката рамка, заклучоците и отворачката изјава на преговорите задно со билатералниот протокол ќе ги ставиме на разгледување. Тоа нема да се случи денеска или утре, посочи Маричиќ.

 

Интензивно, додаде, секојдневно разговараме со пратениците, со партиите и со институциите, добро е што дел од нив веќе се изјаснија за предлогот, а има некои кои размислуваат.

-Тука сме за да објасниме и да ги увериме дека ова навистина е предлог кој што е подобар од првично предложениот и дека вреди да се разгледа и дека оваа шанса не треба да се пропушти. Не очекуваме сите да бидат уверени, но очекуваме да има критична маса која ќе биде уверена дека ова е добар предлог за да можеме да одиме понатаму, потенцира Маричиќ.

На прашањето зошто деновиве има набиена дипломатска офанзива во земјава , вицепремиерот рече дека нашата политика се базира на пријателство и на сојузништво и дека е нормално нашите пријатели и сојузници да не посетуваат во овој клучен момент за државата.

-Мислам дека нема пологичен чекор од тоа да имаме денеска претставник на Германија како наш сојузник и најголем партнер во ЕУ. Нема ништо пологично што вчера го имавме првиот човек на Европскиот Совет, Шарл Мишел во Скопје. Тоа се пријатели и сојузници на Македонија кои доаѓаат тука со цел да ја уверат и јавноста во она што ние веќе го говориме повеќе денови – дека овој предлог е навистина подобрен во однос на првичниот, дека излегува во пресрет на сите наши грижи и предизвици или потенцијални замки кои сме ги увиделе во првичниот предлог и дека одлагањето или барањето на подобра предлог нема да ја зајакне нашата позиција, рече Маричиќ.

Посочи дека во следните денови имаме задача заедно да донесеме одлука преку инклузивен општествен процес дали ќе ставиме крај на лавиринтот во кој сме заглавени скоро две децении и ќе покажеме мудрост со разгледување и соодветно поставување кон европскиот предлог кој е чувар на нашите национални интереси и на нашата европска иднина.

-Низ конструктивниот разговор на средбата со Сарацин, на најактуелната тема која ја отвори почетокот на руската агресија врз Украина обединувањето на Европскиот континент и двајцата сме согласни дека членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ денес повеќе не претставува само економски и политички проект, туку и симбол на политичката безбедност, безбедност која ни е потребна на сите, нагласи вицепремиерот Маричиќ.