Денес претседателот Макрон ми соопшти дека ќе направат модификации на францускиот предлог. На две-три места има модификации во консултации со двете страни. Не може никој да зборува во име на цела нација, постојат надлежни институции, не сме држава од трети свет. Ова сега мораме да го искомуницираме прво во Владата, со македонската јавност и Парламент, изјави претседателот Стево Пендаровски откако денеска во нашата Влада преку македонското МНР пристигна официјален француски предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија и кревање на блокадата за отпочнување преговори со ЕУ.

Пендаровски истакна дека го видел модификуваниот предлог, исто како и премиерот Димитар Ковачевски и бугарската страна.

-Во Софија е помалку хаотична политичката ситуација, таму нема влада. Модификуваниот францускиот предлог е далеку подобар за нас од претходниот. Дали е тоа доволно добро засега ќе се воздржам, бидејќи сакам тоа да помине поширок круг на консултации. На препорака на нашите сојузници да не ја загрозиме сензитивноста на процесот. Сакаме да направиме договор кој ќе трае. Во рака мораме да имаме гаранција за македонскиот идентитет и дека никогаш јазик и нација нема да биде споменато никаде. Ако тоа не го добиеме како гаранција од ЕУ, ние не можеме да влеземе понатаму во процесот, информира Пендаровски во изјава за ТВ Сител.