Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера  ја посети Одеса, каде што разговараше за можен коридор за извоз на жито. Ова го соопшти канцеларијата на претседателот, прнесено од Укринформ.

Advertisements

На средбата со локалните власти, гувернерот на Одеса, Максим Марченко ги објасни мерките преземени за одбрана на регионот од рускиот воен напад. Се зборуваше и за тоа како да се организира безбеден коридор за извоз на жито и како да се поддржат земјоделците за жетвата.

Според податоците на Марченко, како резултат на руската агресија, во пристаништата на Црното Море се блокирани 39 цивилни бродови од 14 различни земји.

Зеленски ја посети и областа, каде што се наоѓа станот погоден од руски проектил на 23 април, во кој загинаа осум лица, меѓу кои Кира, тримесечното бебе, нејзината мајка и баба. Нивната смрт е еден од трагичните симболи на војната во Украина.

„Ова е ужасно злосторство од омраза, агресорот убива и осакатува луѓе. Треба да ја обновиме оваа зграда за да можат жителите да си одат дома“, рече тој.

Вчера Зеленски ја посети и линијата на фронтот во регионот на Миколаев, каде претседаваше со уште еден состанок со локалните власти.

„Разговаравме за состојбата на економијата, за обновувањето на водоснабдувањето, за состојбата во земјоделството. Посветивме особено внимание на заканите од копно и море. Да не престанеме да работиме за победа на Украина“, напиша Зеленски на Телеграм, каде што објави и видео од посетата.

Не е прв пат Зеленски да оди на линијата на фронтот каде што се одвуваат борбите со руските напаѓачи. Претходно тоа беше во Харков, Запорожје и во Донбас.