Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во седиштето на НАТО во Брисел имаше средба со помошникот генерален секретар за инвестиции во одбраната, Камил Гранд со кого разговараше за унапредувањето на капацитетите и вмрежувањето на Центарот за обука на пилоти со останатите капацитети за обука на пилоти во Европа, и тоа во рамките на иницијативата за создавање на НАТО структура за летачка обука во Европа.

-Северна Македонија има интерес и амбиција да продолжи да го развива Центарот за обука на пилоти кој поседува уникатни капацитети и кој може да даде сериозен придонес во развојот на летачката обука во Европа, рекла министерката на состанокот.

Петровска, како што информираат од МО, порачала дека Центарот досега имал видливи и значајни резултати – продуцирал 27 пилоти на хеликоптери за потребите на Северна Македонија и Црна Гора, а на напредните хеликоптерски симулатори за типот Ми-17 и Ми-24 тренирале неколку стотици пилоти од Северна Македонија, Хрватска, Полска, Босна и Херцеговина, Нигерија и Камерун.

Помошникот генерален секретар Гранд укажал на големата потреба од летачка обука во Европа и порачал дека Центарот за обука на пилоти во Северна Македонија има капацитет да биде еден од стожерите на летачката обука на континентот.

-Северна Македонија е една од 10-те сојузници во НАТО кои во 2021 година ја лансираа иницијативата за создавање на НАТО структура за летачка обука во Европа. Целта на оваа иницијатива е да се воспостави мрежа на Центри за обука на пилоти кои ќе ги исполнат побарувањата на европските сојузници за пилотска обука, а воедно и преку меѓусебна соработка и координација ќе се влијае на намалување на трошоците за производство на пилоти, се вели во денешното соопштение од МО.

Членки на оваа иницијатива се Северна Македонија, Белгија, Чешка, Грција, Унгарија, Италија, Црна Гора, Романија, Шпанија и Турција.

Во текот на денешниот ден, во седиштето на Алијансата министерката Петровска заедно со секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин и министрите за одбрана на сојузничките земји учествувала на состанокот на Контакт групата за Украина, на кој била реафирмирана поддршката за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и била потврдена заложбата на НАТО за поддршка на украинските граѓани и на земјата во одбрана од неоправданата руска агресија.

Министерката Петровска учествувала и на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО и на Шведска, Финска, ЕУ, Украина и Грузија, на која ги поздрави апликациите на Шведска и Финска за членство во Алијансата и укажа на потребата од постојана координација со Европската Унија и партнерите во зацврстувањето на безбедноста на евроатлантската област.

Во Брисел, Петровска се сретнала и со нејзиниот романски колега, Василе Динку на која му се заблагодарила за романската поддршка во борбата со огнените стихии во Северна Македонија минатото лето и порачала дека земјата е посветена на континуираниот развој на билатералната одбранбена соработка.