Адвокатите во Албанија денеска ги бојкотираа сите судски постапки, протестирајќи против новиот план за реорганизација на судството, со кој бројот на судовите се намалува за речиси половина.

Високиот судски совет (ВСС), највисокиот судски орган во земјата, одлучи да го намали бројот на првостепени судови од 22 на 13, на апелациските судови од шест на еден и на управните судови од шест на два.

Американските медиуми пренесуваат дека оваа реорганизација практично значи дека адвокатите и нивните клиенти во некои ситуации ќе мора да одат во други градови на судења или во главниот град Тирана на Апелациски суд.

Во образложението на минатонеделната одлука на Високиот судски совет се наведува дека овие потези се во насока на „зголемување на ефикасноста на судскиот систем за граѓаните“, како и за подобра распределба на работата на судиите.

Но, адвокатите посочуваат дека ефектите од овие измени се токму спротивни, бидејќи граѓаните тешко ќе пристапуваат до судовите и ќе ги забавуваат судските постапки.

Албанските адвокати го обвинуваат Високиот судски совет дека не ги земал предвид нивните забелешки и само оваа недела бојкотираа 500 судски предмети, заканувајќи се дека ќе продолжат со штрајкот доколку не се откаже планот за реорганизација.