Помеѓу доволен и добар или 2,44 од максимум 5 е средната оценка што граѓаните и ја дале на Владата за нејзината работа во првите 100 дена. Тоа го покажуваат резултатите од последното истражување на МЦМС „100 дена Влада“.

Истражувањаето е спроведено во периодот од 3 до 13 мај 2022 година.

65,1% од граѓаните изјавиле дека Владата не ги исполнила нивните очекувања. Меѓу нив, побројни се етничките Македонци.

На прашањето „во кои подрачја Владата ги исполни вашите очекувања овие 100 дена?“, секој петти граѓанин рекол дека неговите очекувања не се исполнети во ниту едно подрачје.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, има најдобар резултат од позитивните и негативните мислења на граѓаните за тоа како функционерите си ја вршат работата.

Подолу на таа листа се Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи, Министерот за финансии, Фатмир Бесими и Благој Бочварски, Министер за транспорт и врски, сите со ист резултат.

58,7% од граѓаните сметаат дека им се влошил квалитетот на живот во последната година, за 29,0% останал ист, додека за 10,7% се подобрил.

Сиромаштијата и невработеноста се најголемиот проблем за 30,0% од граѓаните, а за една четвртина од нив (25,9%) тоа е корупцијата и криминалот.

Речиси на исто ниво се економската ситуација (13,9%) и иселувањето на младите (13,5%).

Повеќе од половината (55,1%) сметаат дека економијата на земјата ќе се влоши во следните две години.

51,8% од испитаниците сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека за 16,8% насоката е правилна. Мнозинство (61,7%) се и оние кои сметаат дека во земјава нема политичката стабилност, за разлика од 35,2% кои велат дека ја има.

Владата ужива доверба кај околу една третина од граѓаните, додека мнозинството граѓани (63,7%) немаат доверба во неа.

И покрај тоа, нема мнозински став за предвремени парламентарни избори. Поделени се мислењата на граѓаните за тоа кој е најдобриот пат за земјата.

Според 36,3% од испитаниците, потребни се предвремени парламентарни избори, додека за 30,4% излезот е во целосната мобилизација за надминување на предизвиците и формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

23,3% од испитаниците имаат верба дека сегашната влада има сила и способност да продолжи и успешно да ја води земјата имаат .

За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект.

Податоците беа прибирани со телефонска анкета, а примерокот е национален репрезентативен од 1005 испитаници.

Деталите на следниот ЛИНК.