Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски побара оставка од премиерот Димитар Ковачевски откако се појави видеото со нефкусната шега на Еди Рама, кој на самит во Солун го нарече премиер на „Идна Западна Бугарија“.

-Ако со Заев Македонија го допре дното, сега со Ковачевски го проби.

Вчера македонската јавност беше сведок на досега невиден меѓународен блам. Вчера видовме како Димитар Ковачевски го надмина Зоран Заев во секој поглед во погазувањето на достоинството и дигнитетот на државата преку срам на јавна меѓународна сцена.

Не се само понижувачки зборовите со кои Македонија беше посрамена и навредена на меѓународна средба пред балканските лидери и германскиот канцелар, туку уште повеќе тоа што Ковачевски сето тоа го проследи со недоветно смеење и одобрување.

Вчера кога го преставуваа како премиер на идна западна Бугарија, Ковачевски ако имаше грам достоинство ќе реагираше во одбрана на својата држава која ја претставува и за што зема плата од граѓаните, а не уште без врска да се смее и да се радува, вели Мисајловски.