Крајно време е Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ со отворање на поглавјата низ преговорите, е една од заедничките констатации од средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и австрискиот канцелар Карл Нехамер, пришто беше нагласено дека секое натамошно одлагање може да има сериозни безбедносни последици за регионот и за Европа.

Премиерот, кој со Нехамер се сретна на маргините на безбедносната конференција ГлобСек 2022 во Братислава, ја нагласи огромната поддршка на Австрија за земјава и за европската иднина на целиот регион и го поддржа канцеларот Нехамер за континуитетот за извонредниот и посебен ангажман со што ги мотивира граѓаните на земјите од Западен Балкан да останат фокусирани на европските цели и во исто време ги поттикнува и потсетува земјите членки на ЕУ да ги исполнат своите ветувања кон земјите од Западен Балкан.

Како што соопшти владината прес-служба, двајцата премиери на средбата ги потенцираа пријателските односи и взаемната поддршка меѓу двете земји како резултат на постојаното унапредување на билатералните врски на политички и на економски план со отворени перспективи за нивно натамошно развивање.Ковачевски и Нехамер изразија задоволство од видливиот раст на австриските инвестиции во Северна Македонија и од големиот интерес за нови економски соработки и проекти во областите: обновливи извори на енергија, градежништво, банкарство и осигурување.