Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Рим се сретна со италијанската министерка за внатрешни работи на Италија, Лучана Ламорџезе, на која беше потпишан Меморандум за соработка во областа на сузбивање на трговија со дрога помеѓу Одделот за јавна безбедност при МВР на Италијанската Република и Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
Како што соопшти МВР, на средбата со италијанската делегација, Спасовски потенцираше дека токму ваквите средби се убава можност за продлабочување на меѓусебната соработка, која пак е од витално значење за зголемување на ефикасноста во борбата против глобалниот непријател – криминалот во сите негови форми.
– Во тој контекст, би сакал да истакнам дека соработката помеѓу нашите министерства е на високо професионално ниво, што подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија и е во постојан континуитет, согласно духот на традиционалните пријателски односи меѓу нашите две земји. Токму заедничките активности поврзани со борбата против актуелните безбедносни предизвици и тенденции претставуваат напредок во реализирањето на меѓународната соработка, а зголемената размена на информации е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент поволен, а со тоа и да се убрза напредокот во европските интеграции, рече Спасовски.
На средбата беше потпишан и Меморандумот за соработка во областа на сузбивање на трговија со дрога, од страна на директорот за Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски и шефот на полиција и генерален директор за Јавна безбедност при италијанското МВР, Ламберто Џанини.
– Денес сме сведоци на уште еден успешно завршен проект – потпишување на Меморандум за соработка во областа на сузбивање на трговијата со дрога. Сакам да истакнам дека овој документ кој денеска ќе го потпишат директорите на двете полициски служби е од клучно значење за двете Министерства, особено во поглед на борбата против нелегалната трговија со дрога – предизвик од светски размери на кој ние сме должни да одговориме со сите расположливи средства и ресурси, истакна Спасовски по потпишувањето на Меморандумот.
Спасовски во своето обраќање кон италијанската делегација го истакна справувањето со илегалната миграција, при што го потенцираше фактот дека ефикасното управување со границите, со миграциите и спречувањето на илегалната миграција долж „Западнобалканската рута“.
Тој рече дека тоа и понатаму е еден од главните приоритети на МВР, а меѓу другите теми за кои стана збор на средбата, ги потенцираше и заедничките проектни активности што во рамки на Министерството се спроведуваат како дел од соработката со Италија, меѓу кои и проектот Зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот со главна цел подобрување на ефикасноста и ефективноста на националните власти за гранична контрола, управување со миграциските текови, борба против тероризмот и организираниот криминал, преку подобрување на техничките и административните капацитети за откривање, испитување и спречување на тероризам, а иницираше и отпочнување на нов проект помеѓу двете министерства, односно, склучување на Протокол за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.
– Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам за поддршката во проектите, но и на МВР на Италија во реализирањето на неодамнешната Регионална конференција на директори на полициски служби на која што присуствуваше и висока делегација од Вашето Министерство. Како Министерство остануваме посветени кон развојот и поддршката на билатералната соработка, учество во меѓународни и регионални иницијативи, кои имаат за цел зајакнување на нашите капацитети и унапредување на полициското работење во сите области, заклучи Спасовски.
Ламорџезе, упати честитки до министерот Спасовски за добивањето можност на Северна Македонија да биде домаќин на јубилејната 50. Конференција на Европскиот регион на Интерпол во 2023 година, што претставува уште една потврда за реформите во полицијата и за успешната заедничка соработка, но и за стабилноста и безбедноста на земјата.
– Со денешново потпишување на Меморандумот заокружуваме еден важен сегмент од нашата досегашна соработка и во делот на размената на информации и ова е многу важен ден за двете министерства со кој го потврдуваме нашето пријателство и партнерство. Ја имате нашата целосна поддршка во добри практики и обуки на полициските службеници во делот на владеењето на правото како и во делот на организираниот криминал и тероризмот, истакна министерката Ламорџезе.
Ламорџезе во оваа прилика го прифати предлогот на министерот Спасовски во наредниов период да им се достави нацрт-текст за Протоколот за соработка за трговија со луѓе и питачење и уште еднаш потенцираше дека ја имаме целосната поддршка од нивните служби и од оперативен и од технички аспект веднаш да се започнат преговорите од двете страни и да се усогласи текстот кој би бил потпишан на следната заедничка средба во Скопје, укажувајќи уште еднаш на важноста на земјава и останатите балкански земји за стабилноста на европските земји и регионот.