За 18-те месеци затвор што ги доби возачот кој го прегази и усмрти битолчанецот Оливер Петровски, ќе има и протест. Семејството на загинатиот смета дека пресудата е срамна. Бара поддршка од сите, со цел да се изрази револт и да се побара правда.

Протестот има мото „Стоп за неказнивоста за убијците со возила“.

„Имајќи ја во предвид срамната пресуда на судијката во Основниот суд Битола, Татјана Петровска, која убиецот на брт ми го казни со срамни 18 месеци затвор, за сообраќајката во која загина брат ми, за која немаше никаква вина, ве повикувам сите заедно да излеземе на мирен протест во сабота, на 21-ви мај на Плоштадот Магнолија во Битола (кај споменикот на Филип Втори), во 12 часот, и да го изразиме нашиот револт со поворка до Основниот суд во Битола“, се вели во најавата за протестот.

Бојан Петровски, брат на загинатиот Оливер, посочува дека протестот е за да се побара правда и за сите убиени во сообраќајки.

„Да побараме правда за Оли, но да побараме правда и за сите убиени во сообраќајки. бидејќи сведоци сме дека во последните неколку години, убијците во возила, згаснувајќи многу животи со своето бесно возење, поминуваат неказнето, или со прениски казни, изречени од страна на корумпираната судска власт во ‘нашата држава’“, вели Петровски.

Ова не е прв протест поради изречени судски казни за возачи кои усмртиле пешаци. Претходно, протест имаше и во Скопје пред Кривичниот суд по пресудата за сообраќајката кај „Сити мол“, каде младата Викторија Николова го изгуби животот, а Леонид Даов беше повреден. Во овој случај возачот доби казна од три години.