По покана доставена во саботата од вооружени полицајци на домашна адреса, новинарката Соња Колевска-Делевска од САКАМДАКАЖАМ.МК денеска беше во полициската станица Беко во Скопје на „службен разговор во врска со поплака“ за објавен текст.  Пријавителката е државна службеничка, раководителка на едно од местата во Министерството за правда, која според пријавата против Делевска, почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот, по објавен текст во САКАМДАКАЖАМ.МК.

Пријавата, односно повикувањето од полицијата е во врска со објавениот текст „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“ , објавен на 27 април, 2022. Адвокатката за доцнењето на исплатата од Министерство за правда спорот го добила на Управен суд. Парите уште не ѝ се исплатени, но затоа Министерството ја избриша од регистарот на адвокати што даваат бесплатна правна помош за кои трошоците ги покрива Министерството.