Премиерот, Димитар Ковачевски, ја видел снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, но не сакаше да ја коментира.
Одговарајќи на новинарско прашање за снимката, Ковачевски рече дека не може да даде конкретен одговор на забелешките дека поради дрското однесување кое се слуша на снимката, претседателот Џафери треба да си поднесе оставка.
„Јас таа снимка ја погледнав, меѓутоа се работи за некој разговор за кој не се гледа ниту кој разговара, ниту со кого разговара и од таа причина не можам да коментирам дали претседателот на Собранието разговара со некого во сала, дали е тој вработен или не е. Навистина не можам да дадам конкретен одговор бидејќи на снимката не се гледа кој зборува и со кого зборува. Се слуша, но се гледа кој со кого зборува“, рече премиерот.
Снимката на која се гледа говорницата во Собранието, а се слуша глас за кој ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е на претседателот на Собранието, Тала Џафери, партијата ја објави вчера.
Со објаснување дека односот на Џафери на снимката е скандалозен и примитивен, а пцовките и навредите за вработените се недозволиви, ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од претседателот на Собранието.
Од кабинетот на Џафери нема официјално објаснување за она што се слуша на снимката.