Шведската Влада планира следната недела да испрати барање за членство во НАТО, по соседна Финска, пишува во денешното издание шведскиот весник „Експресен“.

Advertisements

Шведскиот парламент в понеделник ќе расправа за безбедносната ситуација, а премиерката Магдалена Андерсон ќе свика посебна седница на Владата на која ќе биде донесена формална одлука за апликацијата, пишува весникот повикувајќи се на неименувани извори. Барањето ќе биде испратено веднаш потоа, освен ако не се случи нешто неочекувано, велат изворите за весникот.

По руската инвазија врз Украина за која Москва вели дека е „специјална воена операција“, очекувано беше Шведска и Финска да бараат поголема безбедност во рамките на НАТО и да се откажат од својата неутралност.

Заклучоците од ревизијата на безбедносната политика на Шведска се очекуваат во петок, а владејачките социјалдемократи сè уште расправаат дали да ја променат и да ја поддржат апликацијата. Партијата одлуката треба да ја донесе в недела.

Финскиот претседател Саули Ниинисто и премиерката Сана Марин денеска соопштија дека Финска „без одлагање“ мора да поднесе барање за членство во НАТО, на тој начин зголемувајќи го притисокот врз Шведска да го стори истото.

Прикажи повеќе