Наместо да се фалат со блокадата на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги вратат платите и парите за патните трошоци, порачува владејачката СДСМ.

-Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги вратат платите, парите за дневници и патни трошоци назад кај граѓаните.  Тоа се над 55.000 евра месечно.

ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија во светот што во време на најголема светска економска криза го блокира Собранието и спречува носење на важни закони.

ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија во светот што самата се фали дека им нанесува штета на граѓаните преку блокирањето законски решенија.

По нарачка на Никола Груевски и по диктат на Христијан Мицкоски пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера потрошија илјадници евра народни пари за да пропадне уште еден работен ден на Собранието, се вели во соопштението.

Како што е познато, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од вчера почна активна блокада на Собранието, за како што велат, национален спас.