Претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски во дебатниот магазин „Click plus“ на ТВ21 истакна дека тоа што го прави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е грозоморно со тоа што во најголемата светска криза тие сакаат да го бојкотираат Собранието.

„Најпрвин кога зборуваме за лидерски концепти, лидери се луѓе кои што носат одлуки и кои што решаваат прашања кои што ги афектираат идните генерации, и благосостојбата на граѓаните, како и справувањето со најголемите проблеми со кои тие се соочуваат. Не е лидер тој кој што мисли само на својот личен рејтинг и кој што мисли само на тоа кога ќе бидат наредните избори“, порача премиерот Ковачевски.

Според Ковачевски, ова што го прави Мицкоски е најнеодговорното нешто што може некој да го направи.

„Во време на најголемата светска економска криза после Втората Светска војна. Во услови кога има постојан раст на цените на реагенсите, во услови кога има постојан раст на цените на храната и во услови кога гледаме дека во Европа сите политички субјекти се обединуваат околу изнаоѓање начини“, вели Ковачевски.