„Режимското обвинителство склучи пакт со криминалот, криминалците ја купија слободата“, вака реагираат од Алијансата за Албанците преку писмено соопштение испратено до медиумите.

„И покрај сериозните и директни забелешки за криминалот и корупцијата, како и за недостигот на правда во земјава, од страна на меѓународните организации, скандалите во обвинителството и судството се зголемуваат.
Денеска пред очите на целата јавност таканареченото обвинителство за гонење организиран криминал и корупција наместо да го гони, реши да склучи пакт со криминалот. Ова потоа беше одобрено од кривичниот суд и со тоа на осомничените криминалци како Орце Камчев со компанијата им се овозможи да си ја откупат слободата со 5.3 милиони евра“, се наведува во реакцијата на АА.

Оттаму додаваат: „Парите што требаше да бидат конфискувани се искористени за купување на правдата, додека за да се фрли прашина во очите на граѓаните, Камчев е осуден на една година затвор каде ќе му се пресмета притворот, што значи дека останува на слобода во овој случај.

Хибридниот режим СДСМ-ДУИ не се бори против криминалот, туку се бори против граѓаните и целата меѓународна заедница кои секојдневно алармираат за критичната состојба во правосудниот систем“.