Предлогот на конгресменката Клаудија Тени засега делува како „паднат од небо“ и ќе видиме дали ќе наиде на плодна почва во САД. Ова за „Слободен печат“ го изјави аналитичарот Петар Арсовски.

„Тие се секако силно заинтересирани за европската интеграција за Западен Балкан. Друго би било ако најавата за санкции потекнува од некој од администрацијата на претседателот Џо Бајден – вели Арсовски.

Според него шансите Бугарија да го тргне ветото во јуни се помали од 50 отсто и како што наближува времето, притисокот во Софија да не попушти ќе биде поголем.

„Рејтингот на бугарскиот премиер Кирил Петков е во пад. Јас верувам дека тој искрено сака да го реши проблемот и да го тргне ветото за Македонија, но ако оцени дека со тој потег ќе му падне владата, тогаш тоа е невозможен избор за кој било политичар. Важното прашање е што ќе правиме ние? Кај нас паѓа поддршката за ЕУ-интеграциите, но тој пад е од 80 на 70 отсто. Немаме план Б, а и не може да имаме, со оглед дека Македонија природно и географски припаѓа во Европа, па соодветно и кон ЕУ. Единствена опција е да се свртиме на реформите дома. Точно е дека никој и досега не не спречувал да се реформираме, но ЕУ и преговорите за членство се механизам што ги обезбедува тие реформи. Без тоа, кај нас нема политичка волја самостојно да ги изведеме. Ќе мора да се најде начин тоа да продолжи со надзор на ЕУ – вели Арсовски за Слободен печат.