Синдикатот за образование, наука и култура го става штрајкот во мирување, а учениците од утре почнуваат со настава. Причина за ваквата одлука на СОНК е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решевање на работните спорови.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков попладнево изјави дека по направените консултации со правни лица, донесена е одлука да се стави штрајкот во мирување додека трае решавањето на спорот.

„Советот на СОНК и СОНК се легалисти и се за почитување на законите, од таа причина дел од одредбите водат кон тоа дека додека траат периодот на помирување и решавање на спорот меѓу двата спротиставени таботи, доколку се работи за штрајк истиот оди во мирување“, истакна Неделков.

Тој додаде дека ако нема решение, штрајкот повторно ќе стане активен.