Предметот „ТНТ“ за рушењето на објектот „Космос“ е целосно застарен. Ова произлегува од толкувањето на одредбите на Кривичниот законик, односно правното мислење кое го дал министерот за правда Никола Тупанчески, во својство на правник и професор на Правниот факултет во Скопје. Според Тупанчески, кривично дело за кое е запретена казна затвор од над три години целосно застарува по десет години. Тоа значи дека ако обвинителот ги гони ексминистерот и обвинет Миле Јанакиески и ексградоначалникот и обвинет Тони Трајковски заедно со административците за дела сторени во 2011 година, тие застаруваат во 2021 година. Во овој случај, сите обвинети се гонат за злоупотреба на службена положба и овластување, каде минималната казна е три години затвор.

„Ако станува збор за кривично дело за кое според законот може да се изрече казна затвор од над три години затвор, а делото е сторено во 2011 година, релативната застареност е пет години, а апсолутната е десет години. Сиплифицирано, тоа значи дека за дела извршени во 2011 година, за кои може да се изрече казна затвор од над три години, според Кривичниот законик апсолутната застареност е во 2021 година. Секое друго читање на законот и поврзување со стандард „општ законски максимум“, би било погрешно и би значело повреда“, се вели меѓудругото во правното мислење на Тупанчески.