Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во интервју за бугарска БТВ одговори на прашањето зошто го смета за провокација отворањето на културниот центар во Битола „Ванчо Михајлов“.

Османи вели дека кога ќе се влезе во центарот, на главниот влез имало голема табла со цитат од Ванчо Михајлов на која пишувало „Залудни се напорите на таканаречениот македонски народ да го лаже светот“.

„Ова е голема навреда за нашите граѓани, ова е голема навреда за луѓето што ги застапувам. Ова кај нас се смета за провокација. Не верувам дека бугарските власти дојдоа поради оваа порака на Михаилов, која беше поставена на влезот од клубот. Но вака се толкуваа сите овие пораки што ги налутија граѓаните. И наша должност е да ги разјасниме овие прашања, отворено да си кажеме што е она што не провоцира, што не лути, за да можеме во отворен дијалог да ја создадеме нашата заедничка иднина“, порача Османи.

Според Османи, доколку клубот не го носел ова име тие ќе бевме дел од оваа делегација во Битола.

„Целата наша влада би била таму, бидејќи ја поздравуваме и сакаме да ја поттикнеме бугарската заедница да се организира, сакаме бугарската заедница да се интегрира во институциите, системите и механизмите создадени преку рамковниот договор. Но, мора да внимаваме на чувствителноста на двајцата, особено во овој период на доверба. Сакаме да ја вратиме довербата еден во друг. Секако дека ваквите прашања ќе ни бидат се помалку важни, бидејќи ќе бидеме фокусирани на иднината, на заедничката европска перспектива за граѓаните на двете земји. Но, ова е деликатен период во кој и вие и ние мора да бидеме внимателни за да ја создадеме нашата заедничка иднина“, посочува Османи.

Османи вели дека за овој настан може да се каже дека придонел за пад на довербата меѓу двете земји, што болно го градевме во овие шест месеци.

„Знаете дека работните групи се состануваат секоја недела. Целата влада на Република Северна Македонија беше фокусирана на едно прашање – односите со Република Бугарија. Министрите за економија и министерот за животна средина и просторно планирање почесто се среќаваат со своите колеги од Бугарија отколку со кои било колеги од нашата влада. И тоа навистина беше наша желба – да инвестираме во градење доверба, да го смениме правецот, да излеземе од овој токсичен циклус на односи што траеше со години меѓу нашите земји. И конечно се случи она што се случи. Но, ќе мораме да го надминеме, тоа е причината што јас сум во Софија толку брзо потоа. Треба да ја вратиме комуникацијата, треба да ја вратиме довербата – ова е наша должност како политичари. Ова го очекуваат нашите граѓани од нас – понекогаш да си ги голтнеме емоциите за да донесеме одредени одлуки за иднината на нашите граѓани“, вели Османи.