Соединетите држави најавија нова воена помош за Украина и обновен дипломатски ангажман во земјата опустошена од војната. Ова е најавено во првата американска посета на највисоко ниво на Киев по инвазијата на Русија кон крајот на февруари. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин му кажаа на претседателот на Украина Володомир Зеленски и на неговите советници дека САД ќе обезбедат повеќе од 300 милиони американски долари за странско воено финансирање и одобрена продажба на муниција од 165 милиони долари.

Русија ги предупреди САД да не испраќаат повеќе оружје за Украина, изјави рускиот амбасадор во Вашингтон за руската државна телевизија, пренесе новинската агенција Ројтерс.

„Ја истакнавме неприфатливоста на оваа ситуација кога САД фрлаат оружје во Украина и побаравме да престане оваа практика“, рече Анатолиј Антонов во интервју за ТВ каналот „Россија 24“ и додаде дека „е испратена официјална дипломатска нота до Вашингтон во која се изразува загриженоста на Русија“, јави Ројтерс.