Меѓу Владата и СОНК нема договор кој би го прекинал генералниот штрајк во училиштата и градинките што трае две работни недели, откако СОНК завчера ги отфрли заклучоците на Владата и ветувањето за 10 отсто повисоки плати на вработените со ребалансот на буџетот во мај или јуни. Со 10 проценти, месечните примања на наставниците и воспитувачите во просек ќе се зголемат за 2.500 денари, соопшти вчера Владата  и додаде дека е понудена и методологија со која ќе обезбеди континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образованието.

Владата оцени дека е неодговорно да се продолжи со генералниот штрајк покрај понуденото решение за раст на платите и повика преговорите да продолжат.

– Одлуката да се продолжи со генералниот штрајк, а децата да губат настава пред самиот крај на учебната година и да не се згрижуваат во градинките прави ненадоместлива штета на сите нас и на државата. Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори, соопшти Владата.

Во однос на платите на штрајкувачите, Владата информираше дека одлуката на СОНК за организирање генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата е груба манипулација и ставање во заблуда на штрајкувачите зашто причината е унапредување, а не кршење на работничките права.