Кривичниот совет ги одби жалбите на правните лица Дивелоп груп ДОО Скопје и Бест Вејт Инвестмент за замрзнувањето на имотот во случајот Империја.

„Донесени се решенија со кои жалбите се одбиваат
како неосновани, а решенијата од претходна постапка се потврдуваат во целост“, се наведува во соопштението на Судот.

Минатата недела Судот постапувајќи по предлог на Обвинителството изрече мерки: Одземање на имот заради обезбедување, поради постоење основано сомнение дека потекнува од кривично дело, како и Забрана на правните лица за распологање со удел во правно лице и отуѓување на имот кој се запленува во корист на државата.

Истрагата за случајот „Империја“ по три и пол години заврши, а пред нејзиното затворање резултираше со замрзнување на имотот на фирми поврзани со случајот и со осомничените, бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Осомничени освен Камчев и Мијалков се уште 11 лица, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6,3 милиони евра.