Албанската владејачка Социјалистичка партија, во дописот доставен до претседателката на Собранието, Линдита Никола, бара на 29 април да свика седница со координаторите на пратеничките групи, за отпочнување на процедурата за избор на претседател на државата.

Исто така во писмото, потпишано од координаторот на пратеничката група, Таулант Бала, се бара од претседателката на Собранието првиот круг од претседателските избори да се одржи на 4 мај.

-Повикувајќи се повторно на член 87 од Уставот на Република Албанија, предлагам првиот круг за избор на претседател на Републиката да се одржи на посебна пленарна седница, која ќе се одржи на 4 мај 2022 година, стои во дописот упатен до претседателката на Собранието, Линдита Никола.

Бала, преку објава на социјалните мрежи изразувајќи подготвеност за дијалог побара од опозицијата да се вклучи во овој процес.

-Албанскиот парламент е местото на конструктивен дијалог. Треба да се оттргнеме од застарените модели на минатото во сите негови форми и да работиме заедно за иднината. Процесот на избор на претседател на Републиката, ќе ја одрази нашата подготвеност за дијалог со опозициските пратенички групи во Собранието. Ќе и дадеме на Албанија нормален претседател и сосема поинаков од претседателот во заминување, пишува Бала.

Мандатот на актуелниот претседател Илир Мета завршува на 24 јули а неговиот наследник треба да се избере до крајот на мај. Доколку не се избере во првиот, гласањето се повторва уште трипати на различни датуми.