Во организација на Фондот за Западен Балкан денеска во Тирана беше организирана церемонија на доделување грантови од четвртиот повик на Фондот, кофинансиран од Европската Унија, соопшти Македонската амбасада во Албанија.

– На церемонијата учествува истакнати гости, министри, амбасадори како и претставници на граѓанското општество и други непрофитни организации, универзитети, здруженија на култура, спорт, млади и претставници на медиумите од Западен Балкан. На настанот учествуваше и амбасадорот Данчо Марковски, директорот на ЕУ во МНР на Република Северна Македонија, Џенк Сејфула, како и вториот секретар Блерта Сали, се наведува во соопштението.

На 30 добитници на грантовите им се врачени сертификати за доделување грант од страна на присутните министри, амбасадори, членови на Управното тело и други партнери на Фондот.

Меѓу добитниците има и неколку проекти иницирани од невладини организации од земјава.

– Со доделувањето на сертификати симболично започнува и фазата на имплементација на проектите, со цел унапредување на регионалната соработка, добрососедските односи и врските меѓу луѓето во нашиот регион, наведува Амбасадата.

Фондот на Западен Балкан е прв фонд создаден од владите на земјите во регионот – Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Главни цели на Фондот на Западен Балкан се да ја зајакнат соработката меѓу нејзините членки, да ги зајакнат односите и регионалната кохезија и секако да ја унапредат интеграцијата во Европската унија.

Фондот, кој е формиран пред неполни пет години, финансиски поддржува мали и средни проекти со главна цел зголемување на регионалната и прекуграничната соработка и јакнење на регионалната кохезија во следните четири клучни области: образование и научни размени, културна соработка, прекугранична и младинска соработка и одржлив развој. Членовите на персоналот доаѓаат од Скопје, Белград, Подгорица, Приштина, и Тирана.