Уште на прв поглед отскокнува од вообичаената глетка во средината: убаво брендирани излози во розово-црвена комбинација и стилизиран цвет Далија, тераса со жардињери и цвеќиња и масички со внимателно одбрани детали кои креираат атмосфера што потсетува на оние париски кафулиња – или како што велат соседите “чувство како да си на друго место!”.
Токму тоа е “француското ќоше” кое никна во срцето на Чаир – новоотворената слаткарница “Далиа” што деновиве ни го привлече вниманието.
Љубопитни да дознаеме повеќе, го посетивме женското трио што стои зад овој проект – сопственичката Ели, нејзината ќерка Бисера и мајсторицата за слатки Ѓулсере. Овие енергични жени весело ни раскажаа како се родила идејата да си ги здружат силите.

Ели, поранешен сметководител и голем мајстор во кујната, отсекогаш сонувала за ова, па напливот на монотони понуди на пазарот ја навел акцентот да го стави на квалитет, наместо квантитет и во својот бизнис да го преточи искуството од животот поминат во Германија.
Спој на традиција и модерно. Тоа е “Далиа” каде можете да уживате во вкусот на традиционални суви и кремасти слатки, слатки со шербет, торти, но и белгиски пралини, француски макарунси и капкејкс, и многу други специјалитети кои секогаш се вадат тазе.
Чаирчани кои имале среќа да пробаат од слатките на “Далиа” велат дека таму ќе ги најдете убедливо највкусните еклери со прекрасен крем и прелив од нутела кои ги фрлиле во сенка сите еклери што дотогаш ги сметале за врвни.
Го фалат и потпечениот сутлијач и неодоливите пралини изработени од белгиска чоколада и разновиден полнеж (вишна, малина, лешник, карамела, ванила…), како и тортите. На листата на фаворити им се и падобранците, макарунсите и индијанките.
Велат дека всушност сѐ што пробале е прва класа и дека веднаш се забележува разликата во вкусот.
Задоволната сопственичка ни објасни дека покрај состојките од врвен квалитет, најзаслужна за ваквите реакции кои ги доживуваат секојпат кога на клиент ќе му понудат нешто ново за проба, се токму вредните раце на Ѓулсере, или како што си ја викаат Џули. Таа по речиси деценија работа во една од познатите дебармаалски слаткарници била пресреќна да го прифати новиот предизвик и да одговори на големите очекувања на Ели.
Ни раскажа дека од дете имала афинитети за слатки, а “занаетот” го научила уште многу млада кога помагала во работилницата на слаткар Грк во време кога овој бизнис во нашиот град бил во самиот зачеток. Подоцна долги години работела како главен слаткар во познати слаткарници, но вели “Далиа” е сепак круната на нејзиниот професионален живот. Џули рачно го изработува секое едно парче слатко што се нуди во “Далиа” – вистински луксуз во време на масовно користење машини за зголемување на производство, штедење на време и ресурси.
Со жар во очите вели дека токму тоа ја прави разликата што луѓето ја забележуваат во вкусот. Гордо раскажува како таа само по допир на врелиот сад знае кога е доволно варење на кремот и на око ја препознава точната конзистенција на преливот или на тестото. Вели дека тоа ниту една машина не може да го замени! Џули ни раскажува дека иако несебично ги споделувала рецептите, магијата очигледно не е во количините и состојките, туку во искуството на мајсторицата.
Сопственичката Ели додава дека на Запад и најплатени и најценети се рачно изработените производи и дека токму затоа не сакала да прави компромиси по тоа прашање. Вели дека бизнисот не го отворила “од зорт”, дека со сопругот се материјално згрижени, но по години посветени на семејството едноставно сакала да си исполни еден сон.
Тука се вклучи и ќерката Бисера која покрај своите редовни професионални обврски, ги менаџира и процесите околу слаткарницата. Таа раскажува дека нејзина замисла била токму во Чаир да никне едно вакво катче во кое подеднакво ќе се пронајдат и млади мајки со деца во колички, и семејни луѓе, тинејџери и повозрасни со желба за кафе-муабет или едноставно некој што сака “од нога” да лапне нешто слатко.
На почеток ја убедувале дека таков концепт “во Чаир не проаѓа”, но вели дека никогаш не обрнувала внимание на такви предрасуди и дека уште од времето кога ја водела телевизијата Алсат-М покажала дека е подготвена – успешно – да разбива табуа, што се гледа и по нејзиниот личен живот.
Уште посреќна е што “Далиа” од самиот старт наидува на позитивен прием и тоа кај сите, па и најголемите скептици од нејзиното опкружување сега “симнуваат капа”.
Вели дека има уште многу идеи како да го развива бизнисот и дека на муштериите секогаш ќе им приредуваат убави изненадувања. Во моментов имаат специјални понуди за светиот месец Рамазан, а секој ден во витрините можете да најдете разновидни слатки за ифтар, како и посни колачи и пралини што многу ги радува муштериите кои го тераат велигденскиот пост.























