Бугарскиот премиер Кирил Петков, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и Костадин Костадинов од партијата Преродба, в сабота ќе присуствуваат на отворањето на културниот клуб на Здружението „Ванчо Михајлов“ во Битола, дознаваме неофицијално.

Според неофицијалните информации, Петков ќе присуствува само на отворањето на клубот во Битола и веднаш се враќа за Софија, а Јотова и Захариева, како и  Костадинов ќе заминат за Охрид каде што, според најавите, треба да отворат библиотека.

Инаку, претходно бугарските медиуми јавија дека Јотова во Охрид ќе го посети Дневниот центар за деца со аутизам. Проектот е финансиран од бугарската Влада како дел од програмата на бугарското Министерство за надворешни работи „Бугарска помош за развој“. Јотова исто така планирано е да биде гостинка и на отворањето на канцеларија на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“.

Според досегашните најави, не е предвидена средба на бугарските политичари со македонски политичари, а на отворањето на клубот во Битола ќе присуствуваат сите здруженија на македонските  Бугари.