Дијабетичарите во земјава мерат шеќер во крвта непрецизно, зашто апаратчињата што државата им ги дава бесплатно покажуваат погрешни резултати, се жалат од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија каде членуваат 25 организации, пишува „Слободен печат“.
Тие во писмо упатено до Министерството за здравство, предлагаат комплетно нов систем со кој ќе се надминат нивните долгогодишни проблеми, на недостаток на инсулински ленти во аптеките како и тоа што државата не им дава ленти и глукометри во доволен број, па мора да си ги докупуваат по солени цени.
Здруженијата на дијабетичари бараат државата да одреди референтна цена на овие помагала, а Фондот за здравство на секој дијабетичар на кого му се потребни да му дава годишен ваучер кој во аптека ќе може да се замени за ленти за мерење шеќер и за глукометри.
-За жал изминатите неколку години се соочуваме со реален и тежок проблем. Апаратите за мерење шеќер обезбедени од државата бесплатно за лицата на инсулинска терапија имаат сериозни недостатоци за кои писмено многу пати сме реагирале до Министерството за здравство. Прецизноста на мерењето шеќер во крвта е на најниско можно ниво а истите треба да ни служат како основни средства за дозирање инсулин, калибрирање на инсулински пумпи и сензори. Со овој проблем се соочуваме над 10 години. И покрај тоа што не` убедуваат дека се добри сосема е спротивно, добиваме погрешни резултати на апаратите. Ваквите грешни резултати не наведуваат да дозираме погрешни дози на инсулин, а тоа пак резултира со поголем број на пациенти со хронични компликации како кардиопатии, нефропатии, невропатии, слепила, односно покрај првичната хронична состојба се развиваат и болести. Во најлош случај поради погрешна доза инсулин, по лошо измерен шеќер, може да настапи смрт и кома, велат оттаму во писмо упатено до Министерството за здравство.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.