Зборувајќи за руската агресорска војна во Украина, американскиот претседател Џо Бајден ја употреби квалификацијата „геноцид”. Осврнувајќи се на свирепостите извршени врз цивилно население, Бајден рече: „Излегуваат на виделина сѐ повеќе докази за страшни работи кои ги извршиле  Русите во Украина“. Сепак, смета тој, дали станува збор за геноцид или не, мора да кажат правниците на меѓународно рамниште. За Бајден лично, сѐ повеќе изгледа дека станува збор за геноцид, станува сѐ понедвојбено дека рускиот претседател  Владимир Путин  се обидува „да ја искорени и самата идеја за постоење на Украинците”.

Американскиот претседател претходно во говор во Ајова зборуваше за растечките цени на производите и истакна: „Вашиот семеен буџет, вашата можност да го наполните резервоарот со бензин, ништо од тоа не треба да зависи од тоа дали еден диктатор оддалечен половина свет одовде објавил војна и врши геноцид.“ Подоцна, на дополнително прашање од новинарите, тој го повтори изразот „геноцид“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во првата реакција истакна дека ако човек сака да се справи со злото, важно е работите да се нарекуваат со вистинското име. Зеленски веќе ги обвини руските трупи за вршење геноцид во војната во  Украина.