Во Романија е регистриран прв случај на пациент со тројна вирусна инфекција – САРС-КоВ-2, грип и респираторен синцицијален вирус. Станува збор за 58-годишен маж, хоспитализиран во болницата за инфективни болести „Света Параскева“ во Јаши.
Заболениот има пропратни заболувања како хипертензија, дијабетес тип 2, патолошка дебелина, што значи значително намалување на неговиот имунитет, информираат од медицинската установа.
При приемот во болница, пациентот имаше значителна респираторна дисфункција и поради тоа беше неопходно да се прими на интензивна нега. Моментално е свесен, стабилен и на неинвазивна вентилација. Сепак, се воздржуваме од давање прогнози“, рече директорот на медицинска установа, д-р Флорин Рошу, цитиран од весникот „Либертатија“.
Во меѓувреме, министерот за здравство Александру Рафила рече дека нема да бидат воведени никакви ограничувања во Романија во контекст на новиот бран коронавирус од Кина.
Единствените ограничувања се поврзани со активноста во болниците, каде персоналот мора да биде соодветно опремен, да носи маска и секој што ќе дојде во контакт со пациентот мора да го стори истото, коментира министерот во интервју за романската телевизија ТеВеРе.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.