Седумгодишно момче е спасено откако поминало 14 часа заробено под урнатините на станбена зграда во Димер. Украинските власти потврдија дека девет лица загинале во руските напади врз градот – кој се наоѓа во Киевската област – извршени во текот на ноќта кон неделата.
Тимур Ткаченко, претставник на властите во Киевската област, изјави дека од урнатата зграда била спасена и 79-годишна жена. Во посебен напад врз семејна куќа во Била Церква загинало уште едно лице, пренесува Би-Би-Си.
Според претходно објавените информации, во нападот се повредени шест лица, а потрагата по дел од станарите сè уште трае.
Во операцијата за пребарување и спасување учествуваат спасувачки екипи, полиција, експерти за деактивирање експлозивни направи, водичи на службени кучиња и медицински персонал.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на терен се наоѓаат повеќе од 130 лица и дека потрагата ќе продолжи сè додека не се утврди судбината на секој поединец.



















