Придобивките од системот „O e stop“ се веќе видливи, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на својата Фејсбук-страница, по денешното промовирање на системот на граничниот премин „Ќафасан“.

„Денеска на ГП „Ќафасан“, во присуство на премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама, го промовиравме системот „O e stop“ за заедничка гранична контрола меѓу Македонија и Албанија. Со ова го заокружуваме процесот на воспоставување на системот „O e stop“ со нашите соседи надвор од Шенген-зоната, по претходната имплементација со Србија и Косово. Придобивките од овој модел веќе се видливи. На ГП „Табановце“, по воведувањето на „O e stop“, времето на чекање во одредени периоди се намали од неколку часа на околу 30 минути, и покрај зголемениот патнички сообраќај за 15 до 20 проценти“, истакна министерот во објавата.

Тој нагласи дека истото се очекува и на ГП „Ќафасан“ – побрз проток на патници и возила, помалку непотребни задржувања, поедноставени процедури и подобра координација меѓу граничните служби.

Министерот додаде дека целта е граѓаните да поминуваат помалку време на границите, а граничните контроли да останат ефикасни и безбедни.

„Продолжуваме со модернизација на граничните премини, дигитализација и зајакнување на регионалната соработка. Бидејќи секое скратено чекање значи повеќе време за граѓаните, полесно патување и подобри услови за туризмот и економијата“, порача министерот.