НАТО активираше борбени авиони како одговор на инцидентите во полскиот воздушен простор, за кои Варшава ја обвинува Русија. Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, рече дека разговарал за овие „сериозни прекршувања“ со полскиот премиер Доналд Туск.
„Овој инцидент е очигледно опасен и е последица на тековната војна на Русија против Украина“, рече Руте.
Генералниот секретар ги осуди „руските напади“ и нагласи дека НАТО стои зад Полска. Тој, исто така, рече дека Алијансата ќе продолжи да ги зајакнува своите капацитети за одвраќање и одбрана.
За потсетување, полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш потврди дека две руски ракети и беспилотно летало ја погодија полската територија рано утрово. Инцидентите се случија за време на масовниот руски напад врз западна Украина.
Руска крстосувачка ракета Kh-101 падна на поле во селото Нови Липовиец, на околу 60 километри од украинската граница и на неколку стотици метри од станбени згради. Полските медиуми објавија фотографија од кратер со оган во центарот.
Друга ракета падна во градот Рудник над Санем, додека објект за кој се верува дека е дрон со млазен погон го погоди селото Молодич. Според полскиот министер за одбрана, нема извештаи за повредени или штети на клучната инфраструктура.
Полскиот премиер, Доналд Туск, го потврди нарушувањето на воздушниот простор и објави дека службите за итни случаи и безбедност се на местото на настанот. Тој утрово одржа состанок со министрите за безбедност и претставници на воените и безбедносните служби.
Полска во последните месеци предупредуваше за можни руски провокации, вклучително и нарушувања на нејзиниот воздушен простор и граници. Во септември 2025 година, околу дваесетина руски беспилотни летала ја преминаа полската граница, додека во ноември 2022 година, две лица загинаа откако падна ракета што подоцна беше идентификувана како украинска ракета за воздушна одбрана.


















