Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар”, заедно со Општина Центар и Црвениот крст – Општинска организација Центар, денес, 19 ноември, официјално ја отвори хуманитарната Зона H.
Зоната опфаќа посебно обележани хуманитарни паркинг-места, а средствата собрани од нивното користење ќе бидат наменети исклучиво за хуманитарни цели, во соработка со Црвениот крст – Општинска организација Центар.
На официјалното отворање присуствуваа директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и секретарот на Црвениот крст – Општинска организација Центар, Валентина Колеска.
Душко Коцевски, директор на ЈП ПОЦ, истакна дека хуманитарната зона претставува практичен начин јавната услуга да се поврзе со грижата за заедницата.
„За ЈП Паркинзи на Општина Центар ова е практичен начин јавната услуга што ја даваме да ја поврземе со грижата за заедницата. Во соработка со Црвен крст – Општинска организација Центар и со поддршка на Општина Центар, сакаме да обезбедиме дополнителна помош за нашите сограѓани. Ги повикувам граѓаните да ја поддржат хуманитарната зона H и преку користењето на овие паркинг-места да се вклучат во помошта за оние на кои им е најпотребна”, истакна Коцевски.
Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар, нагласи дека иницијативата е дополнителна можност за поттикнување на солидарноста и помошта во локалната заедница.
„Со отворањето на хуманитарната зона H, на граѓаните им овозможуваме преку една секојдневна услуга да придонесат за хуманитарни цели. Ова е една од новините воведени со последните измени на системот на паркирање, со кои се стремиме кон поправична распределба и порационално користење на паркинг-просторот, а воедно внесуваме и хумана димензија во паркирањето. Со секое платено паркирање на овие места, придонесуваме за посолидарен Центар во кој се грижиме едни за други”, истакна Герасимовски.
Првата локација на хуманитарната Зона H се наоѓа на предната страна на Градскиот стадион, во секторот „Парк” на ПОЦ, а во наредниот период зоната ќе се проширува и на други локации.
Хуманитарните паркинг-места се обележани со црвена и бела боја и со соодветна сигнализација. Корисниците треба да ги следат истакнатите упатства за пријавување и плаќање на паркирањето во Зона H.
Со оваа иницијатива, ЈП ПОЦ, Општина Центар и Црвениот крст ја претвораат секојдневната паркинг-услуга во можност за солидарност, поддршка и помош на лицата и семејствата на кои им е најпотребна.















